Зошто ме боли заб со „изваден живец“?

Root_Canal_Illustration

 

 

Знам дека на многу од вас ова можеби нема да им биде интересно, но доколку одвоите неколку минути од вашето време информациите кои ќе ги најдете тука ќе ви разјаснат некои работи во врска со ендодонцијата.

Најпрво морам да нагласам дека многу се нервирам кога ќе слушнам: „овај заб ми е умртвен не може да ме боли“ или на овај заб ми е ваден живецот не може да ме боли сигурно е некој друг“- напротив баш таков заб може да ве боли најмногу ако не е правилно излекуван, а тоа е најчеста причина за вадење на забите.

Значи тоа „вадење на живец или умртвување на заб“ не е само еднаш или двапати да „боцни“ стоматологот со иглата во каналот и готово за пола час живецот е изваден! Докторот си заштедил на време и нерви, а пациентот задоволен со толку кратка и неисцрпувачка интервенција.

Токму поради неинформираноста на пациентите тие самите ја сносат штетата од ваквите интервеции. Треба многу повеќе часови работа за таквиот заб да биде правилно излекуван, а со тоа и зачуван за многу долго време.

Проблемот е што неправилно излекуваниот заб најчесто е без симптоми неколку месеци или години (во тој случај само со снимка може да се открие процесот – инфекцијата) но после тоа се јавуваат проблемите: болки, гноење, оток и на крај вадење на забот.

Прашањето после е докторе зошто се случи ова? Супер ми беше забот толку време не ме болеше? Да, затоа што некое време организмот се борел со таа инфекција, а сега веќе не може да се бори и тоа е проблемот. А да не зборуваме дека таквиот заб претставува потенцијална опасност за организмот – фокус или жариште. Бактериите многу лесно можат да пронајдат пат до крвотокот и да предизвикаат цела низа хронични болести.

Затоа постои микроскопското лекување на коренски канали со најсовремена опрема кое има многу висок процент на успешност за разлика од класичното лекување кое е најчеста причина за вадење на забите и кое кај нас масовно се користи нормално поради финансиски причини кои јас лично не ги оправдувам затоа што последиците потоа можат да бидат многу полоши и од финансиска – најдобра замена за извадениот заб е имплантот кој е многу поскап од микроскопското лекување и од здравствена гледна точка – загубата на само еден единствен заб води до дефект во забната низа.

Доколку не се третира тој дефект (со имплант или мост) ќе доведе до разместување на забите, кои се соседни на дефектот како и оние кои се над (под) него. Забите се придвижуваат со цел да го пополнат празното место, а со тоа се нарушува џвакањето и чистењето на забите. После тоа е многу тешко да се санира тој дефект. Со еден збор современата ендодонција која е многу важен дел од стоматологијата кај нас е многу често потценувана!

Додади коментар